Јордан се закани дека ќе ги искористи сите расположливи средства во борба против групата Исламска држава, испраќајќи воени авиони за напад на позиции на ИД во знак на одмазда поради бруталното убиство на јордански пилот.
– Ова е само почеток. Десетина наши борбени авиони вршат напади на нивни упоришта, се наведува во соопштението на јорданската армија.
Јорданскиот министер за надворешни работи Насер Џуда изјави за Си-Ен-Ен дека неговата армија донела одлука за употреба на сите расположливи средства за борба против ИД.
Засега цел на јорданската армија се складишта со муниција на ИД, засолништа и кампови за обука на милитантаната група низ Сирија.
Јордан претходно се закани со „тресење на земјата“ кога ќе се одмазди на припадниците на ИД за убиството на заробениот јордански пилот Муата ал Касабех.