Новиот панарапски телевизиски канал Ал Араб е забранет само 24 часа по неговото покренување и по првиот ден со емитување на програмата.
Ал Араб е во сопственост на саудискиот принц и бизнисмен Ал Валед бин Талал и требаше да емитува програма од Бахреин. Според најавениот концепт, програмата треба да биде политички независна во правењето и презентирањето на вестите.
Еден од првите гости на Ал Араб, беше угледниот бахреински опозициски лидер Калил Марзук, кој важи за остар критичар на кралското семејство во Бахреин. Во разговорот тој го критикувал решението на властите во Манама, да им се одземе државјанството на 72 опозициски активисти во земјата.
Појавувањето на Марзук на новата телевизија, предизвика бурна реакција со осуди на провладините медиуми во земјата, по што Ал Араб престана со емитување на програмата.
Весниците од Дубаи јавуваат дека каналот останал отворен и на него се емитуваат само пропагандни видео спотиви кои претходно ја промовираа новата телевизија, но нема никаква друга програма.
Ал Араб во посебно соопштение објаснува дека програмата е прекината поради „технички и административни проблеми“, без да даде други детали и ветува дека програмата „наскоро“ ќе биде обновена.
Бахреинскиот весник „Акбар ал Калеј“ открива дека програмата на новата телевизија е „суспендирана од властите“ во земјата. Ал Араб треба да биде третиот панарапски телевизиски канал, по Ал Џезира која има седиште во Катар и саудиско-дубајската телевизија Ал Арабија, со седиште во Дубаи.