АД ЕЛЕМ, поради најавените обилни врнежи од дожд и снег за време на претстојниот викенд, нема да ги вклучува во електроенергетскиот систем електраните од хидроенергетските системи Маврово, Треска и Тиквеш поради превенција и намалување на можноста од дополнително зголемување на водостојот на реката Вардар, соопштуваат од компанијата.
Оттаму посочуваат дека оваа превентивна мерка е преземена во координација и соработка со Координативното тело за справување со кризи и ќе биде на сила до целосна стабилизација на времето, што според Управата за хидрометеоролошки работи е најавена за почетокот на наредната недела.
– Во моментов, акумулациите што АД ЕЛЕМ ги користи за производство на електрична енергија се на планираното ниво за овој период од годината и во нив има доволно простор за прифаќање на зголемените дотоци вода што се очекуваат во наредниот период, велат од АД ЕЛЕМ.