Белорусија: Утре средба на Контакт групата за Украина во Минск

Од:

Белорусија објави дека следната средба на Контакт групата за Украина ќе се одржи утре во главниот град Минск, јави ТАСС.

Контакт групата во чиј состав влегува поранешниот украински претседател Леонид Кучма, рускиот амбасадор во Украина Михаил Зурабов и претставничката на Организацијата за безбедност и соработка во Европа Хајди Талвини, го информирале белоруското МНР дека утре ќе имаат нов круг преговори, соопшти портпаролот на министерството Дмитриј Мирончик.

Претходно, украинскиот претседател Петро Порошенко ги повика проруските сепаратисти од Источна Украина да се вклучат во нови преговори на Контакт групата.

Рускиот претставник во ОБСЕ Андреј Келин, денеска ги повика САД и Европа да престанат да стојат на страната на војната во Украина.

Денеска во Брисел почна вонредна седница на министрите за надворешни работи од ЕУ за ситуацијата во Украина. Пред почетокот францускиот државен секретар за европски прашања Арлем Дезир изјави дека Европската унија ќе ги зајакне санкциите, насочени кон сепаратистите и сите оние, што ги поддржуваат, вклучително и Русија.

Дезир нагласи дека кризата во Украина може да има само политичко решение. – Нема воено решение на кризата и сите страни во конфликтот треба да го знаат тоа, истакна тој.

Министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн пред средбата изјави дека Русија треба да биде вклучена во решавање на конфликтот во Украина.

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини изјави дека министерската средба има за цел да се постигне прекин на огнот и примирје во Украина.

Би можело да ве интересира

Загина еден од најдобрите украински пилоти

Буданов: Ситуацијата во регионот Харков станува критична за вооружените сили на Уркаина

„Сандеј тајмс“: Камерон побарал од Доналд Трамп да го поддржи нацрт-законот за помош на Украина

(ВИДЕО) Шефовите на американската и украинската дипломатија јаделе пица во ресторан во Киев

Франција ќе достави дополнителна воена помош за Украина

Британски министер за одбрана: Лондон му дозволи на Киев да го нападне Крим со нашето оружје