Објекти за спорт и рекреација се предвидува да се градат на Царев Врв, кој е дел од локалитетот „Калин Камен“ на Осоговието во Кривопаланечко.
Спортско-рекреативната зона е дел од студијата за изградба на туристичко-рекреативен центар на Осоговските Планини, што го изработи општина Крива Паланка, а кој ќе се реализира во повеќе фази. Во моментов на повеќе локалитети се изготвува потребната планска документација, односно се врши неопходната урбанизација за да може да се пристапи кон изградба и уредување на планираните комплекси.
– За Царев Врв веќе е изготвена и донесена локална урбанистичка планска документација, со која е опфатена површина од 2,5 хектари. На овој локалитет се предвидува реконструкција на старата караула во планинарски дом, изградба на спортски терени, игралишта, терен за параглајдерство, како и ски патеки, вели Добривој Николовски, раководител на Одделението за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина.
Како што посочува Николовски локална планска урбанистичка документација за објекти за спорт и рекреација е донесена и за локалитетот кај т.н. Ловечка куќа, а во фаза на изработка и донесување е документацијата за локалитетот „Езерце“ каде ќе се гради хотелски комплекс и ќе има ски патеки и пристап со жичница.
– Во постапка е и изработката на урбанистички планови за локалитетите „Ловечка куќа„, „Мандра“ и „Бари“ каде се предвидува изградба на викенд населби. Сето ова е во функција на ажурирање на физибилити студијата за изградба на туристичко-рекреативен центар на Осоговието, за што ќе се бараат финансиски средства од меѓународни и домашни инвеститори, преку јавно-приватно партнерство или други модели на финансиска поддршка, посочува Николовски.