Министерството за повторно обединување на Корејскиот полуостров во Сеул денеска експресно одговори на барањето на Пјонгјанг во кое се бара прекин на заедничките воени маневри со САД и испраќање пропагандни балони со пишувани и видео материјали од југ кон север. Официјален Сеул смета дека двете барања не се проблеми што го попречуваат дијалогот за нормализација на односите меѓу двете Кореји.
Властите во Северна Кореја се особено незадоволни поради обновувањето на практиката од територијата на Јужна Кореја да се испраќаат балони кои носат пишувани и видео материјали со јасни пораки за предностите на едниот над другиот режим. Против испраќањето балони се и најголем број жители во пограничните подрачја во западниот дел на Северна Кореја кои се плашат од евентуални одмазднички акции.
Според аналитичарите, за да се поткрепи значењето и силата на барањето за запирање на испраќањето на балони, Пјонгјанг го додал и барањето за запирање на заедничките воени маневри со САД.
Сеул во најновиот одговор го повтори ставот дека воената соработка со армијата на САД не може да се оствари ако нема заеднички маневри, нагласувајќи дека се работи за исклучиво дефанзивни воени вежби.