Поранешниот туниски министер за внатрешни работи Хабиб Есид (65), кој долго време извршуваше различни функции во режимот на диктаторот Зин Ел Абидин Бен Али, денеска е номиниран за премиерската функција.
Есид има рок од еден месец да ја формира владеачката коалиција и да ја состави новата влада, пренесоа американските медиуми.
По „арапската пролет“ во која беше соборен Бен Али, во 2011 година, Есид во преодната влада ја извршуваше должноста министер за внатрешни работи.
Со серија избори во последните месеци од 2014 година во Тунис заврши политичката транзиција, а најголема поддршка од гласачите освои партијата Нида Тунис, во која има голем број членови од стариот режим.
Претседателот Беџи Саид Есебси, кој е основач на партијата, минатата недела беше инугуриран на новата функција.
Есебси денеска побара од Есид да ја формира новата влада.