Точно на полноќ со спектакуларни огномети и концерти во европските и светските метрополи беше дочекана новата 2015 година.
Новата година во Москва беше дочекана со прекрасен огномет на небото над црквата „Свети Василиј Блажен“ на централниот Црвен плоштад.
Насобраните граѓани и туристи восхитено го набљудуваа црвено-зелениот огномет на температури под нула степени Целзиусови.
Во Берлин на концертот под отворено небо пред Брандербуршката порта на граѓаните им се придружија глумецот и пејач, ѕвездата на серијата „Чувари на плажата“ Дејвид Хаселхоф, групата „Токио Хотел“, виолинистот Дејвид Гарет и членовите на московскиот театар „Руски балет“.
Без разлика на дождот, стотици илјади жители на Берлин и туристи од различни делови на светот се собраа на централната берлинска улица „17 јуни“, која беше претворена во пешачка зона во должина од два километра. Кулминација на прославата е достигната кога небото над Берлин било осветлено од околу 6.000 пиротехнички ракети.
Во Париз улицата Шанзелизе била затворена за сообраќај, каде граѓаните можеле пред полноќ да го гледаат визуелниот спектакл од Триумфалната порта, додека во Лондон новогодишниот огномет бил долж реката Темза.
Во Единбург по повод доаѓањето на новата година се одржани традиционални шкотски улични забави.
Во Шпанија се славеше на мадридскиот плоштад Пуерта дел Сол, а во Барселона бил приреден огромен огномет.
Со грандиозни огномети 2015-та година беше дочекана и во Австрија, Јапонија и на Нов Зеланд.
Повеќе од еден милион и пол граѓани и туристи околу познатата сиднејска опера го следеле огнометот.
Жителите на Токио за време на новогодишната ноќ го следеа огнометот и пуштаа кон небото стотици балони.
Централниот настан во новогодишната ноќ во Пекинг бил шоуто на тема зимски спортови во Олимпискиот парк во близина на Националниот стадион „Птичје гнездо“.
Во Хонгконг стотици илјади луѓе се собраа на градските шеталишта за да го погледнат осум минутниот огномет, додека прославата во Тајпеј за стотици илјади посетители беше организирана кај вториот по височина во светот облакодер „Тајпеј 101“, со настапи на музички ѕвезди и огномет.
Стотици илјади жители на Пјонгјанг имаа можност да присуствуваат на 15-минутен огномет. Центарот на главниот град на Северна Кореја бил украсен со дрвја со празнични светилки. Еден од главните настани бил концертот на учениците, а настапиле и уметнички групи.
Во Дубаи кај најголемиот облакодер на светот „Бурџ Калиџа“, висок 828 метри, Новата година е дочекана со музика и игра, огномет и ласерско шоу над центарот на градот.
Масовни прослави на новата година имало и на Копокабана во Рио де Женеиро и во Њујорк на Тајмс Сквер.