Дојче веле – Бон
Во текот на овие празнични денови, дневните соби во Германија ги краси накитена елка. Но, од каде доаѓаат и каде растеле тие елки? Малкумина размислуваат за тоа. А илјадници километри далеку некои поради елки ги ризикуваат животите.
На листата на популарноста на најомилените божикни елки во Германија еден вид на дрво го зазема неприкосновеното прво место: кавкаската елка (Abies nordmanniana) позната и како нордманска елка. Девет од десет божикни стебла се од тој вид, бидејќи купувачите ги знаат неговите предности: игличките речиси не паѓаат, а и не боцкаат бидејќи се еластични. Недостаток е можеби тоа што нема силен мирис на бор, но може да изгледа свежо многу долго по сечењето, па купувачите поради тоа и најмногу се одлучуваат за такви елки.
Но, ако ги прашате луѓето дали знаат од каде доаѓа овој вид на дрво, многу од нив за тоа немаат никаква претстава. Новогодишните елки за германскиот пазар најчесто се садат и се сечат во Германија, но семето за нив обично доаѓа од далеку, од Грузија.
Освен кавкаските елки, во Германија во дневните соби може да се најде и по некоја смрека, уште поретко вистински бор иако тие видови на дрвја се наоѓаат во германските шуми. Додуша и тоа е до некаде точно: Смреката ја има во дивина, но тоа стебло не потекнува од пределот на Германија. Тие всушност се стигнати од исток на Прусија, старо кралство кое се протегало до југоисточниот брег на Балтичкото море – објаснува Симон Келан од Ботаничката градина при Универзитетот во Бон.
Тој и неговиот Универзитет веќе традиционално одржуваат божикна продажба на четинарски стебла од еден природен резерват во близина. Шумарите ги сечат овие четинари за да го контролираат нивниот број, а заработката од оваа аукција се донира за зачувување на природата.
Шуми кои тоа не се
Всушност, се до 80-тите години од минатиот век, многу елки доаѓаа од шумите како нус-производ на шумарската индустрија. Но, во последните неколку децении тоа се промени: денес речиси сите елки стигнуваат од расадници кои се наменети за тоа.
А тоа е пракса околу која се уште се кршат копја. Бидејќи, со оглед на големата побарувачка, за таа цел се користат големи површини. Сепак во многу германски покраини и таквите расадници се водат како шуми, што и на земјоделците им носи бенефиции и даночни олеснувања, дури и кога во нив на големо се користат вештачки ѓубрива и пестициди.
Уште поголем апсурд е тоа што така настануваат шуми сред ниви со компири или пченка. А дури и кога елките се одгледуваат на ивиците на природните шуми, полето најчесто е заштитено со жица: – Кога така ќе се ограничи некое подрачје во шума, тогаш тоа не е достапно за дивите животни. Според мене, тоа повеќе и не е шума – смета Келан, кој е загрижен и од други прашања: – Дали навистина треба на плодните полиња да се садат елки, иако тоа земјиште може да послужи за производство на храна за луѓе и животни? – се прашува директорот на бонската ботаничка градина.
Опасна работа за собирачите на шишарки
Годишно се продаваат околу 45 милиони стебла кавкаска елка, што значи дека во просек секој втор жител на Германија таа елка ја купува секоја календарска година. Но, жителите на Грузија кои собираат шишарки и семе од елката немаат никаква причина да уживаат во празничното славје. Имено, за да соберат семе за продажба, секоја есен мора да се качуваат на стебла кои некогаш се високи и до 60 метри и тоа го прават без коноп и без никакви заштитни мерки. Често паѓаат, а секоја година има и мртви. Заработката всушност е многу слаба: во Грузија просечниот приход е некаде околу 2.200 евра годишно, но собирачите заработуваат многу помалку.
Данската претприемачка која се бави со продажба на божикни елки Мариен Болс одлучи да направи нешто по тоа прашање, следејќи го трендот на фер трејд, чесна трговија на Запад. Во такво работење на фирмата и купувачите се обидуваат да ги избегнат посредниците и одгледувачите и да платат колку толку пристојна цена за нивниот труд.
Може и чесна елка
Поради тоа од 2007 година според истиот принцип се продаваат и новогодишните елки. Разликата во цената не е голема, трговците на стеблата ја плаќаат налепницата која служи како доказ дека тоа стебло е фер трејд, а тоа чини само 1,25 евра, а од тие 67,5 центи одат во посебна фондација. Од неа потоа се плаќаат социјални проекти, вклучувајќи ја тука и безбедносната опрема за качувачите по елките, како и плаќање на осигурување во случај на нивна повреда. Сето тоа, со мал износ кој сите можеме да го платиме, но кој многу значи за жителите на тие подрачја – вели Мариен Болс.
Сепак, само мал дел елки во Германија се купени на чесен начин: од над 40 милиони лани под знакот фер трејд се продадени само 80.000 стебла. Но, вестите за акцијата се шират и госпоѓа Болс се надева дека таквите елки еден ден ќе се појават и во големите продавници за градежни материјали и на други места каде на големо се продаваат божикни украси. Тогаш Германците ќе можат да уживаат во украсување на елките со мирна совест.