Под мотото „Во Новата година со стариот ГТЦ“, вечерва од 19 часот пред влезот во ГТЦ од плоштадот „Македонија“, ќе се одржи протест во организација на иницијативата „Го сакам ГТЦ“. Во рамките на протестот ќе се направи жив ѕид од луѓе околу ГТЦ или како што велат организаторите – новогодишно топлење на ГТЦ.
Тоа ќе биде можност граѓаните со своето присуство да покажат дека на ГТЦ треба да му се посвети вниманието кое го заслужува и да се зачуваат неговата посебност и квалитети. Ќе има и музика, а за ГТЦ ќе зборуваат Даница Павловска Циги, Сања Раѓеновиќ – Јовановиќ, Мартин Гулески, Донка Барџиева – Трајковска, Василка Димитровска и Томислав Османли.
Музичка поддршка ќе дадат Ана Костовска, Лева Патика, Мирко Попов, The Џака Накот, Костадин Шурбановски, Збир од Скопски анонимни музичари, а настанот ќе го водат Огнен Јаневски, Марин Бабиќ и Сања Арсовска.
– Ги повикуваме сите граѓани кои сакаат ГТЦ да остане градски, достоинствено да застанеме на „барикадата“ која не смее да падне! Серијата настани во склоп на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ започна во јуни 2013 година како реакција на проектот за нова фасада и доградба на Градскиот трговски центар со кој целосно би се уништила препознатливата архитектура на објектот, како и неговата урбанистичка улога на „улица“ низ централното градско јадро. Поттикнати од најавите за започнување на затворањето и преобликувањето на ГТЦ во февруари 2015 година, иницијативата „Го сакам ГТЦ“ продолжува низ различни форми на креативно изразување, јавно говорење и институционални реакции да го искажува својот став за зачувување на автентичноста на Градскиот трговски центар, велат од иницијативата „Го сакам ГТЦ“.