Предвидувањето е многу тешко, наводно еднаш збунето изјавил физичарот Нилс Бор. „Посебно она кое е во врска со иднината“. Пророкувањето е несомнено незгодна работа, но тоа не ги сопрело многуте истакнати историски личности да се обидат – а често и да погрешат – да насликаат слика за светот во иднина.
Од 2 јули како Ден на независноста, до последните зборови на генерал од времето на американската Граѓанска војна, ова се фактите за седум предвидувања кои се прочуени по нивното промашување.
1. Џон Адамс и 2 јули како Ден на независноста
По гласањето во Континенталниот конгрес американските колонии да се одвојат од Велика Британија, таткото основач на нацијата Џон Адамс и напишал на неговата жена Абигејл што предвидува: „Вториот ден од јули 1776, ќе биде најзапаметен ден во историјата на Америка… Сосема сум сигурен дека овој ден ќе се слави од следните генерации, како голем годишен празник“.
Иако Адамс бил сосема во право дека Денот на независноста ќе стане најголемиот американски празник, тој за два дена го згрешил датумот. Континенталниот конгрес прво едногласно изгласал отцепување од Велика Британија на 2 јули, но не го завршиле процесот и како датум за Декларацијата за незавиност го одредиле 4 јули.
Адамс сметал дека првичното гласање за независноста на 2 јули дека ќе биде најважниот момент, па дури и си зел дел од денот слободен и отишол во шопинг кога Конгресот пак се состанал два дена подоцна. „Колосот на независноста“ подоцна со негодување го прифатил 4 јули како најприфатлив ден за роденденот на САД, а подоцна уште посилно се поврзал со овој ден откако тој и Томас Џеферсон починале на истиот ден во 1826 година.
2. Ајнштајн и нуклеарната енергија
Прочуената формула Е=МЦ2 на Алберт Ајнштајн прикажува дека масата и енергијата можат теоретски да бидат трансформирани една во друга, иако со години тој неточно тврдел дека овој процес никогаш нема да може да биде контролиран. Во 1932 година, големиот физичар тврдел дека „не постои ниту најмала индикација дека нуклеарната енергија некогаш ќе биде добиена. „Тоа би значело дека атомот ќе треба да биде разбиен според наша волја“.
Ајнштајн верувал дека било речиси невозможно да се подели атомот без користење на повеќе енергија од таа која би била ослободена, но подоцна го променил својот став по првите експерименти со ураниумот во доцните 30-ти. Од тогаш неговата логична и едноставна равенка помогнала да се распространат атомските центраи кои создаваат струја од енергија во фисија, а денес 12 проценти од струјата во светот се обезбедува од нуклеарната енергија.
3. Џон Мајнард Кејнс и 15-часовната работна недела
Во 1930, прочениот британски економист Џон Мејнард Кејнс напишал есеј за иднината на работната сила, насловен како „Економските можности за нашите правнуци“. Во него тој тврдел дека зголемените нивоа на богатсво и просперитет ќе овозможат луѓето во индустријализираните држави само на кратко да се појавуваат во канцелариите „во тричасовни смени или во петнаесет часовна работна недела“ до 2030 година.
Кејнс тврдел дека овој нов работен модел ќе му овоможи на човештвото „да стори повеќе нешта за себе отколку што е вообичаено со богатите земји денес, задоволни што ќе имаат само мали задолженија, задачи и рутини“.
Колку ова и да звучи привлечно, економските трендови покажуваат дека утопијата на Кејнес за „опуштено опшетство“ нема наскоро да биде реалност. Иако севкупното богатство навистина пораснало од 1930 до денес, исто така пораснала и личната потрошувачка и неднаквоста во приходите.
Во меѓувреме, работните часови останале воглавно статични во изминатите половина век, а трендовите во некои држави покажуваат дека во следните години луѓето можеби ќе минуваат и повеќе часови на работа.
4. Џозеф Ц. Ајвс и Големиот кањон
Денес, Националниот парк Големиот кањон во Аризона секоја година привлекува околу пет милиони посетители. Овие бројки без сомнеж би го изнанадиле полковникот Џозеф Ц. Ајвс, американски топографски инженер, кој бил еден од првите не-Индијанци кои го истражувале кањонот.
Ајвс и неговите луѓе први влегле во кањонот во март 1858 година, откако пред него влегле Индијанците од племињата Мохави и Хуалапи, и поминале неколку дена крчејќи пат низ снегот и се искачувале по карпите додека се обидувале да ги истражат реките. Неколку години подоцна, Ајвс напишал обемен извештај за неговата мисија во која тој најавил дека кањонот е прекрасен, но во основа е бескорисен.
– Откако ќе влезете таму, не ви останува ништо друго освен да излезете, напишал тој. – Ние бевме првата, и несомнено ќе бидеме и последната група бели луѓе кои го посетиле овој бескорисен локалитет. Изгледа природата имала намера реката Колорадо… засекогаш да остане непосетена и непореметена.
5. Ирвинг Фишер и пазарот на акции
Економистот и професор на Јејл, Ирвинг Фишер, живеел на почетокот на 20-иот век како еден од несомнеио најголемите волшебници на Вол стрит. Но, денес тој е најпознат по можеби во најкатастрофалниот тајминг во историјата за предвидување на состојбата на пазарот на акции.
Ова се случило на почетокот на октомври 1929, неколку дена откако цените на акциите скокнале во вртоглави височини. Некои тврделе дека скокот бил знак дека е неминовен масивен пад, но Фишер бил познат како оптимист. Како што било објавено во „Њујорк тајмс“, тој им рекол на гостите на една вечера дека цените на акциите го достигнале „она што изгледа дека е перманентно највисоко ниво… Верувам дека принципот на фондовите за инвестиции е одличен, а јавноста е задоволна во учеството во нив“.
Само неколку недели подоцна, пазарот на акции доживеал катастрофален крах. Илјадници инвеститори – меѓу кои бил и самиот Фишер – ги загубиле своите пари во хистеријата која следувала.
6. Дјуи го победи Труман
На денот на изборите во 1948 година, многу прогнозери сметале дека резултатите од претседателските избори се конечни. Претседателот Труман кој бил кандидат за втор мандат, на анкетите заостанувал зад републиканскиот гувернер на Њујорк, Томас Дјуи, кого повеќето аналитичари веќе го прогласиле за победник. Таа ноќ, додека сеуште се броеле гласовите, најавен штрајк на печатарите го натерале „Чикаго трибјун“ предвреме да ја заврши трката за да обезбеди утринското издание да излезе од печат.
Според вообичаената мудрост, уредниците за победник го прогласиле Дјуи, а „Трибјун“ излегол со „Дјуи го обеди Труман“ на целата насловна страна. За баксуз за „Трибјун“, Труман ги изненадил сите и победил на Изборниот колеџ со 303 наспроти 189 гласови.
Од весникот правеле очајни обиди да ги соберат сите примероци од неточното утринско издание, но не требало долго време еден примерок да се најде во рацете на претседателот. Два дена по неговата историска победа, Труман бил снимен на сега прочуената фотографија како ја држи копијата од весникот во раце.
7. Генерал Џон Сеџвик и Судот во Спотсилванија
Неколку предвидувања биле толку брзо сменети или катастрофално погрешни, како она што го направил генералот Џон Сеџвик во Граѓанската војна при битката за Судот во Спотсилванија.
На 9 мај 1864, Сеџвик го предводел 6. корпус на Унијата во близина на единците на Конфедерацијата, кога јужњачките снајперисти отвориле оган врз неговите луѓе од далеченост од околу илјада метри. Сеџвик забележал како неколку од неговите војници се скриле во пушкарници или во ровови, и почнал да ги тестира.
– Што ќе направите ако овие отворат оган по целата должина на фронтот? Се срамам од вас. Тие не можат да погодат ниту слон на оваа оддалеченост, рекол Сеџвик.
Кога еден од неговите војници му рекол дека засолнување од артилериски оган еднаш му го спасило животот, генералот се насмеал и одговорил: „Во ред момче, оди си на место“.
По неколку секунди, Сеџвик бил погоден во главата од снајперски куршум и паднал на земја сиот крвав под левото око. Починал речиси веднаш, наводно со насмевката која останала на неговите усни.
History.com – Њујорк