Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, го назначи Мавританецот Исмаил Улд Шеик Ахмед за нов шеф на мисијата на светската организација за борба со епидемијата од ебола во западна Африка, пренесоа светските агенции.
Ахмед, кој има 28-годишно работно искуство во ОН во областа на развојот и хуманитарната активност, на новата функција почнува со работа во јануари, а ќе го наследи Антони Банбери.
Мисијата на ОН, што е сместена во Гана, ги координира меѓународните напори во политичката и логистичка борба со еболата. Таа има канцеларии во трите западноафрикански земји што се најзафатени со болеста: Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.
Според вчерашните податоци на Светската здравствена организација епидемијата од ебола досега зеде 6.533 жртви, а вкупно 18.118 лица се заразени.