Воениот суд во Мјанмар го осуди мајорот Кјан Вин на две години затвор затоа што ја потпишал петицијата во која се бара намалување на улогата на армијата во политичкиот живот во државата.
Пресудата била донесена во петокот, а по денешното објавување сопругата на уапсениот мајор изјави дека по неговото притворање во април годинава не му било дозволено да има легална одбрана.
Во петицијата, која ја подготви Националната лига за демократија, на чије чело е нобеловката за мир Аунг Сан Су Ки, се бараат уставни измени со кои сите граѓани на поранешна Бурма би добиле право да се кандидираат за сите функции во државата.
Армијата во Мјанмар, која раководеше со државата до 2010 година, се уште има пресудна улога во политичкиот живот, а има право и на вето на одлуките на Парламентот.