Температурите измерени во изминатиот месец се повисоки во однос на повеќегодишниот просек. Отстапувањата се движат од 1,4 степени Целзиусови во Охрид, до 2,9 степени во Демир Капија. Без поголеми разлики слични температури се забележани и во изминатата година.
Ова го покажуваат мерењата од метеоролошкиот набљудувачки систем на Управата за хидрометеоролошки работи.
Според измерените температури, ноември најтопол месец бил во 2010 година, а најстуден во 1988 и 1981 година.
На поголемиот дел од територијата на Република Македонија количината на врнежите измерени на метеоролошките станици се во рамките на повеќегодишниот просек со исклучок во Прилеп со вкупно измерени 90.0 мм, Скопје со 84.0 и Гевгелија со 110.0 мм, кои се над повеќегодишниот просек.
Најмногу врнежи во ноември досега се забележани во 1962 и 1985 година, додека најсушен ноември според досегашните мерења е забележан во 2011 година.
Информацијата се однесува за метеоролошките мерења за периодот од 1950 – 2014 година.