Словачкиот премиер Роберт Фицо смета дека актуелните настани во Украина претставуваат руско-американски конфликт, во кој неединствената Европска унија не ја игра соодветната улога, јави дописникот на МИА од Прага.
Според Фицо, постои голема веројатност дека во Украина ќе избувне воен конфликт и во тој случај би можела да страда и Словачка.
– Зборувам за директен воен конфликт. Не за конфликт меѓу Русија и Украина, туку за голем конфликт, изјави словачкиот премиер, додавајќи дека веројатноста да дојде до тоа е 70 проценти.
Најавата за тоа, тој ја добил од германски извор кој не сака да го именува.
Фицо, смета дека поради можниот воен конфликт, во Европа владее нервоза и мисли дека ЕУ треба да најде сили да одигра улога на миротворец.
Тој оцени дека за европските водечки политичари руската анексија на Крим е веќе завршена работа и никој повеќе не го отвора тоа прашање.