Радио телескопите од Земјата денеска ќе испратат 90 илјади пораки на Марс, во чест на 50-годишнината од првата посета на вселенското летало на таа планета.
Американската компанија Uwingu го организира ова вонземјанското поздравување во чест на 50-годишнината на мисијата на НАСА Маринер 4, но и за да соборат средства за други проекти.
Иницијативата „Транспортирај ме на Марс“ ги повика заинтересираните учесници да ги испратат своите имиња, пораки и фотографии на Марс по цена од пет до 99 долари. Одговориле неколку славни личности меѓу кои и актерот и комичар Сет Грин и актерот Џорџ Такеи, кој во телевисизката серија „Ѕвездени патеки“ го глумеше г. Сулу.
Испраќањето почнува денеска во 15 часот по локално време на Флорида, или во 21 часот по средноевропско време. Пораките патуваат со брзина на светлината, па до Марс ќе им требаат околу 15 минути. Целиот процес ќе се изведува два пати.
Организаторите рекоа дека нема никакво значење тоа што никој нема да одговори на пораките.
Откако Маринер 4 успешно пролета покрај Марс и ги испрати првите фотографии од површината на Црвената планета, повеќе од 20 други вселенски летала успешно ја посетиле, влегле во орбитата или дури се спуштиле на површината на Марс.