Бројот на децата кои останаа без родители починати од вирусот ебола моментално е 200, а може да достигне 2.000 предвидува УНИЦЕФ.
Семејството Кромах кое живее во Бревервил, околу три часа возење од главниот град на Либерија, Монровија, изгуби 11 членови кои боледувале од вирусот ебола, вклучувајќи ги и родители. Зад нив останале 26 деца и 4 месечно бебе.
Децата кои сега зависат од чичкото Абрахан Кромах, а кој нема никакви приходи, секој ден се будат не знаејќи како ќе преживеат.
– Сега не работам. Седам дома, немам никаква работа – вели Кромах во разговор за агенцијата Анадолија, објаснувајќи дека неодамна во несреќа ги скршил двете нозе.
Еболата се ширела во неговото семејство и усмртила 11 членови, вклучувајќи го и најстариот брат Ласанау, една од неговите три жени, друг брат Лаимини, неговите две жени, братот Сони и неговата најстара ќерка.
– Не бевме свесни колку е опасен вирусот – додава Кромах.
Последните неколку месеци епидемијата на ебола, заразен вирус за кој сеуште не е откриен лек, однесе животи на 5.420 луѓе, повеќето од Западна Африка, наведе Светската здравствена организација.
Само во Либерија се регистрирани 2.964 смртни случаи, а Кромах, во своето големо семејство, одеднаш стана единствен одговорен за 26 деца и бебе.
Куќата нема услови за живот
– Поради својата состојба ништо не можам да направам за децата на моите браќа – вели тој, видно обидувајќи се да ги задржи солзите.
Нивната куќа е трошна и без покрив.
Семејството Кромах сега живее од милостина на добри луѓе во заедницата и локалната невладина организација која се грижи за сирачињата во Либерија.
– Откако нашите луѓе умреа, некои ни помагаа со храна. Добивме 20 вреќи ориз, од кои една продадовме за да имаме да купиме се за супа – вели Кромах.
Тој вели дека за него и за една жена од неговиот починат брат, Бинда, најтешко е да се грижат за Јусуф, 4 месечно бебе, кое било доено со мајчино млеко кога мајката починала од вирусот.
– Навечер многу плаче од глад, но јас немав млеко да му дадам – вели Бинда.
– Тоа траеше два дена додека група жени од соседството собраа малку пари за да купиме неколку шишиња млеко за бебето. Има денови кога едвај наоѓаме пари да му купиме млеко, така морам да му давам вода – додава Бинда.
Властите не помагаат
На прашањето за тоа дали некогаш примале помош од Министерството за здравство социјални прашања, Бинда вели дека не примале.
– Никој од власта не дојде да ни помогне – потенцира таа и вели дека им помогнала само организацијата Грижа за сирачињата од Либерија, на чело со шефот Амос Савбох.
– Само тој млад човек, Амос, ни обезбеди храна која ова бебе сега ја јаде – рече Бинда плачејќи.
Организацијата оди од една заедница до друга, наоѓајќи деца кои ги изгубиле родителите и пружајќи им помош во пари и храна.
Невладината организација до сега успеала да пронајде повеќе од сто деца во Монровија и околината.
УНИЦЕФ почна соработка со либериското Министерство за здравствени и социјални прашања за да помогне на повеќе од 200 деца кои останале без родители поради еболата.
– Сега речиси сите сиропиталишта се во Монровија. Обучуваме 60 здравствени работници кои непосредно ќе работат со децата во заедниците, бидејќи нема место за сите во сиропиталиштата – изјави Маита Кларк, директорка на програмата за заштита на деца на УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ во Либерија предвидува дека бројот на сирачињата ќе достигне до 2.000.
Во соработка со Министерството, УНИЦЕФ работи на подобрување на стандардите за грижа на децата во сиропиталиштата.
Во Сиера Леоне исто така е критично
Од УНИЦЕФ исто така рекоа дека илјадници деца во Сиера Леоне можат да останат без родители поради еболата.
Метју Далинг од УНИЦЕФ рече: Знам дека Министерството за социјални прашања моментално има околу 1.000 регистрирани деца во својата база на податоци. Но, проценуваме дека може да бидат дури 5.000.
Во Сиера Леоне бројот на нови случаи и понатаму расте. Проблем е и остранувањето на телата на жртвите. Екипите за погреб на умрените се изложуваат на голем ризик, но велат дека состојбата во последно време е подобрена.
– Луѓето сега соработуваат со нас, додека порано не беше така. Без проблем ни ги предаваат телата на умрените. Порано се плашев од оваа работа, во секој момент бев подготвен да се заштитам. Повеќе не се плашам – рече Аламами Сиси, член на тимот за погребување на жртвите.
Ал Џезира – Доха