Климатските промени до 2050 година можат да ги преполоват приносите на земјоделските култури во Македонија, предупредува Светска банка во најновиот Извештај за влијанијата на килматските промени во Западен Балкан, Русија и Централна Азија што вчера беше објавен во Вашингтон.
Според извештајот, во делови од Западен Балкан и Централна Азија екстемно топло ќе биде во повеќе од 60 отсто од летните месеци, а овој процент може да се зголеми за 20 отсто доколку просечното затоплување се порасне за 4 Целзиусови степени.
– Во Западен Балкан климатските промени ќе предизвикаат зголемен ризик за земјоделството, енергетиката и здравјето на луѓето. Просечното зголемување на температурата за два степена веќе има значајни влијанија, особено во Македонија каде што до 2050 година ќе предизвика 50-отстотно намалување на приносите кај пченката, пченицата, зеленчукот и грозјето, се вели во извештајот на Светска банка.
Драматичните климатски промени и температурните екстреми, се истакнува, веќе загрозуваат милиони животи во светот, но ако продолжи затоплувањето на планетата топлотните бранови и останатите временски екстреми ќе станат „нормална клима“ и ќе го зголемат ризикот и нестабилноста. Тоа ќе предизвика намалување на водните ресурси и на приносите на житните култури, како и зголемување на нивото на морињата и загрозување на живелиштата на милони луѓе.
– Доколку продолжи затоплувањето на планетата ќе предизвика неповратни промени, особено во руските шуми каде до 2050 година ќе има зголемена емисија на јаглерод и метан за 20 до 30 отсто. Намалувањето на резервите на вода, пак, во некои места ќе предизвика зголемување на температурата за 4 степени, а топењето на глечерите во Централна Азиија ќе го промени циклусот на водите и ќе го зголеми ризикот од поројни дождови, се наведува во извештајот.