Писмата на еден од најблиските соработници на Хитлер, Јозеф Гебелс ќе бидат ставени на аукција, дури 67 години по неговата смрт.
Аукциската куќа „Alexander Historical Auctions“ дојде до последните писма, книги, докторски трудови, сертификати и поезија напишани од страна на хитлеровиот министер за пропаганда.
„Материјалот покажува како тој од еден едноставен, срамежлив и заљубен студент станал радикални нацист. Од една страна, се илустрира неговата романтична страна, а од друга наклонетоста кон контрола“, вели Бил Панагопулос, менаџер во аукциската куќа.
Во писмата, според Панагопулос, се видлив знаците на анти-семитизмот и егоцентричноста. Тој како пример го цитираше Гебелс и дел од едно љубовно писмо упатено до неговата поранешна љубов, девојка му Анка: „Ако си сега до мене ќе те принудам да ме сакаш, барем на момент и потоа ќе те убијам“.
Гебелс и неговата сопруга Магда во 1945 година ги угушија своите шест деца, а потоа се самоубија, ден по самоубиството на нацистичкиот лидер.
Здружението на луѓето кои го преживеале холокаустот остро се спротивставува на оваа укција. Тие не сакаат неговите писма и песни да станат приватна сопственост, туку да бидат во јавна архива.
На аукцијата ќе бидат ставени материјали создадени помеѓу 1915. и 1929 година, а аукцискта куќа се надева на сума над 300.000 долари.