Амбасадорката на Србија Душанка Дивјак Томиќ и сопруги на повеќе амбасадори во државава, денеска ја посетија општина Куманово и остварија средба со градоначалникот Зоран Дамјановски.
Средбата ја иницира невладината организација „Macedonia Welcome Centre”, а Дамјановски информираше за специфичностите на општината, меѓуетничкиот соживот, културните понуди и можностите за економскиот развој на општината.
– Оваа е добра иницијатива која треба да продолжи и во иднина. Очекуваме здружението да издаде водич кој ќе биде поддржан од општините и на тој начин ќе ја доближиме картата на Македонија до земјите пријатели, рече Дамјановски.
Агендата на „Macedonia Welcome Centre” е промоција на Македонија кај странците кои живеат и престојуваат во државава, дипломатите, невладиниот сектор, бизнис заедницата.
– Веќе 4-5 години успешно работиме, претставувајќи линк меѓу дипломатите во Македонија и локалното население. Многу често соработуваме со општините со цел нивна промоција, истакна претседателката на здружението Емилија Миладинова Аврамчева.
Амбасадорката Дивјак Томиќ потенцира дека Куманово е мошне атрактивно и има што да понуди на посетителите.
Гостите ги посетија црквите во Куманово, но и стопанските капацитети на подрачјето на општината.