Потпретседателот на Зимбабве демантира заговор против Роберт Мугабе

Од:

Потпретседателот на Зимбабве, Џојс Муџуру ги отфрли обвинувањата објавени во домашните државни медиуми дека таа е дел од „заговор“ против претседателот Роберт Мугабе.

Муџуру изјави дека ги овластила своите адвокати да покренат тужби против медиумите кои ја обвинуваат, со цел „враќање на нејзиниот углед и политичката позиција во земјата“.

Двата главни весника во Хараре, „Сандеј Меил“ и „Хералд“ објавија дека еден платен убиец требало да го убие Мугабе и власта во Зимбабве да ја преземе потпретседателката Муџуру.

Минатиот месец Мугабе наполни 90 години, но изјави дека нема намера да се повлече од функцијата. Тој управува со оваа африканска земја уште од 1980 година, кога Зимбабве стекна независност.

Мугабе и Муџуру некогаш беа мошне блиски партиски истомисленици и политички сојузници, но односите ги расипаа по избувнувањето на фракционерските борби во владејачката партија ЗАНУ-ПФ, пред годишниот конгрес предвиден за идниот месец.

Во домашната јавност владееше уверувањето дека Муџуру ќе го наследи остарениот Мугабе, но ситуацијата се измени откако на политичката сцена се искачи младата сопруга на претседтелот, Грејс Мугабе. Изминатите месеци таа покрена силна кампања во домашната јавност против потпретседателката Муџуру, распалувајќи ги шпекулациите дека претседателот Мугабе сега ја форсира својата сопруга за негов наследник.

Муџуру е обвинувана за корупција и за лошо вршење на функцијата, па Грејс Мугабе ја повика потпретседателката да поднесе оставка. На тие обвинувања сега е додадено и обвинувањето за „велепредавство и ковање заговор“ против шефот на државата.

Во Хараре се верува дека Мугабе ги потикнува внатрепартиски борби и ја внесува во политика својата 50 години помлада сопруга, за да не се создаде силен кандидат што нему би му ја загрозил функцијата и позицијата што ја има 34 години.

Муџуру беше дел од герилата во седумдесетите години на 20 век во тогашната Јужна Родезија, против управата на белото малцинство. Герилата ја предвидеше Мугабе, стекнувајќи тогаш симпатии во Африка и во светот со настојувањето да спречи создавање на уште една апартхејд држава на „Црниот континент“ покрај Јужноафриканската Унија.

Би можело да ве интересира

Во Зимбабве уапсен лидер на секта, тврдел дека е пророк и злоставувал 250 деца

(ВИДЕО) Нилски коњ проголта човек: Го плукна два пати, но реши да го докрајчи

Ана Ололовска

Владата на Зимбабве им порача на државните службеници: Нема вакцина, нема плата

А1он

ОН ги осудија принудните бракови на малолетници во Зимбабве

Оставка на потпретседателот на Зимбабве, имал врски со мажени жени

Жарко Настоски

Зимбабве: Акутната неисхранетост кај децата е во пораст

Ана Ололовска