Од општинскиот сектор за инспекциски надзор, информираат дека досега на подрачјето на општина Куманово од распишувањето на тендерот заловени се околу 250 кучиња скитници.
Тендерот општината го распиша во мај годинава и одвои 600.000 денари. Според надлежните од општинскиот инспекторат, акциите за заловување на кучињата скитиници ќе се спроведуваат се додека не се исцрпат средствата предвидени за таа намена.
Акциите за заловување се спроведуваат согласно распишаниот тендер на општина Куманово, а ги вршат стручни екипи од ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков”.
– Дел од кучињата кои се заловуваат во акциите се враќаат на истата локација откако ќе ги примат потребните вакцини и се разбира по проценка на ветринарите,согласно законската регулатива, рече комуналниот редар Гордан Таневски.
Кучињата ги заловуваат стручни екипи од ветеринарниот центар, а потоа се носат на прифатлиште лоцирано во кумановското село Четирце, кое ги исполнува сите законски стандарди кое има капацитет за сместување на 40 –тина кучиња.