Грција и Кипар се подготвуваат да потпишат спогодба со Израел, откако во текот на викендот во Каиро двете држави потпишаа идентичен документ и со Египет, што предвидува исцртување на заедничка посебна економска зона, соопшти весникот „Етнос“.
Потпишаната декларација од Каиро дава можност за подготовка и реализација на новата тристрана средба, овој пат меѓу Грција, Кипар и Израел. Целта на оваа средба ќе биде да се приврши создавањето на „коридорот“ за безбедност и стабилност во источниот Медитеран, посочува весникот.
Веста за подготвената трилатерала беше потврдена и од портпаролот на кипарската Влада, Никос Христодулидис.
Во рамки на овие активности планирано е кипарскиот претседател Никос Анастасиадис на 2 декември да го посети Ерусалим, каде ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а средбата ќе треба да даде поттик за билатералните односи не само во енергетскиот сектор, туку и во однос на безбедноста, која заради ситуацијата во Сирија може да создаде нови предизвици.
За среда, пак, во Атина се планирани консултации на висока делегација на израелското Министерство за надворешни работи, на кои акцент ќе се стави врз подготовката на новата тристрана соработка меѓу Грција, Кипар и Израел.
Лидерите на Грција, Кипар и Египет во Каиро, изминатиот викенд, ја разгледаа можноста за засилување на соработката во областа на енергетиката, имајќи го предвид фактот дека откривањето на резервите од јаглеродводороди во источното Средоземје може да придонесе за регионалната соработка, стабилноста и просперитетот во овој регион.