Традиционалната манифестација, 44. Меѓународниот боксерски турнир „Златен Гонг“ на 6 и 7 ноември ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Покровител на оваа манифестација е Агенцијата за млади и спорт (АМС).
Директорот на АМС Марјан Спасески на денешната прес-конференција рече дека овој турнир е симбол на препознатливост на нашата земја.
– Традиционалните вредности се обележјето на секоја земја, тие претставуваат симбол на препознатливост и како такви мораме да ги негуваме. Таква манифестација е и боксерскиот турнир „Златен Гонг“ која е симбол на препознатливост на Македонија и придонесува за дополнителна промоција и афирмација на државата во меѓународни рамки. Токму со оддржувањето на “Златниот Гонг” ние ја продолжуваме традицијата на големи светски настани оддржани во Република Македонија. Посветеноста и заложбата на сите страни вклучени околу организацијата на овој настан, го издигна “Златниот Гонг” на ниво на домашен спортски бренд од светски размери, истакна Спасески.
Агенцијата за млади и спорт секоја година финансиски го помага овој турнир, а годинава одвои 1,1 милион денари за организацијата на „Златен Гонг 2014“.
Според најавите на турнирот учество ќе земат вкупно 50 натпреварувачи од 11 земји: Англија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија, Романија и домаќинот Македонија.
Македонската селекција ќе ја сочинуваат девет боксери, кои ќе се натпреваруваат за еден од трите пехари и тоа: најпрестижниот Златен гонг за најдобар боксер, пехар за најдобар техничар и пехарот за најдобар Македонски боксер. Пехари ќе добијат и најдобриот тренер, најдобриот судија и најдобриот странски боксер.
Полуфиналните борби и Свеченото отворање на турнирот ќе бидат в петок од 16 до 21 часот. Во сабота од 11 часот почнуваат финалните мечеви, а потоа следува поделбата на трофеите и затворањето на турнирот.