Лидерот на курдската Работничка партија, Чемил Бајик бара меѓународно посредување за решавање на проблемот на Курдите и ја обвинува Турција дека соработува со ИСИС.
-Сметаме дека овој проблем може да се реши само по мирољубив пат. Со години водевме војна со Турција, а не постигнавме никаква цел. Со војната не можеме да дојдеме до решение, поради што е неопходна политичка солуција-рече тој во интервју за виенскиот весник „Стандард“ и додаде дека САД би можеле да бидат посредник.
Истовремено Бајик ја обвини Турција дека и покрај официјалните изјави не е заинтересирана за политичко решение на проблемот со Курдите.
-Проблемот на Курдите не е проблем само на Турција, туку меѓународен проблем за кој е потребно меѓународно решение – порача лидерот на Работничката партија.
Според неговите зборови Анкара игра двојна игра, на една страна ја подржува Исламска држава, а на друга ги пушта курдските борци да ги поминат нејзините граници кон Сирија со цел да им дадат поддршка на бранителите на Кобане.
-Турција ја поттикнува војната во Кобане, ги подржува трупите на ИСИС. Турски специјални единици соработуваат со Исламска држава. На југ на Курдистан настана автономен регион, а тоа ќе се случи и во Ројава, сирискиот дел од Курдистан. Следна би била Турција, која ќе мора на Курдите да им даде посебен статус. Тоа Анкара со сите средства се обидува да го спречи и затоа сака да ги уништи структурите во Сирија и ја користи ИСИС-тврди Бајик додавајќи дека Турција сака своето влијание на Блискиот исток да го зајакне со жртвување на Курдите.
Е. Г.