Развојот на карате спортот во земјава биле главна тема на денешната средба на претседателот на Светската и Европската карате федерација Антонио Еспиноз и генералниот секретар на Европска карате федерација со директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Првите луѓе на европското и светското карате се во посета на Република Македонија во пресрет на Балканското првенство, кое викендов ќе се одржи во Охрид, а ќе учествуваат околу 250 каратисти од десет држави од регионот.
– Разговаравме за развојот на карате спортот во нашата држава, односно за мерките и активностите кои Македонија веќе ги има имплементирано во овој спорт и кои веќе даваат резултати. Имав чест да ги запознаам гостите и со деталите околу организацијата на Балканското првенство во карате, кое ќе се оддржи во Охрид, овој викенд, рече Спасески.
Балканското првенство е целосно финансиски и логистички поддржано од АМС и, како што соопшти Агенцијата, ќе претставува вистински тест за тоа дали Македонија ќе може да одговори на предизвикот да организира Европско првенство на кое би учествувале над 40 земји.
– Каратето е спорт кој има долга традиција во нашата земја, одлични резултати на меѓународен план, но високо котира и во регионот. Токму затоа, ова балканско првенство ќе биде доста квалитетно и ќе претставува одлична подготовка за Светското првенство, кое во текот на следниот месец ќе се одржи во Бремен, Германија, истакна Спасески.
На средбата, според соопштението, биле разменети мислења и околу можноста за вклучување на каратето во програмата на официјални спортови на олимписките игри.
– Нашиот став во оваа насока е концизен и неприкосновен, а тоа е дека даваме максимална поддршка на иницијативата каратето да стане олимписки спорт, со што Македонија ќе има изгледни шанси да се закити со највисоките спортски одличја – олимписките медали, посочи Спасески.
Еспиноз изразил желба Република Македонија што поскоро да биде домаќин на некое големо меѓународно натпреварување.
– Наидов на одлично разбирање кај властите во Македонија, кои се одговорни за развојот на спортот, а особено ме радува фактот што соработката меѓу Агенцијата за спорт и националната карате федерација во Македонија е на високо ниво. Тоа, впрочем го покажуваат и резултатите на македонските каратисти на меѓународните натпревари, нагласи Еспиноз.
Тој денеска ќе го посети Охрид и ќе одржи средба со претседателите на карате федерациите од државите кои ќе учествуваат на Балканијадата.