Глобалниот систем за спречување на гладот предвидува голема прехранбена криза, ако епидемијата на ебола продолжи да се шири во наредните месеци.
ОН се уште не успеале да дојдат до 750.000 лица, кои имаат потреба од храна во Западна Африка, каде цените вртоглаво растат, а економиите на земјите се занемаруваат поради стравот од заразата.
По повод Светскиот ден на храната, што се одбележува денеска, агенции на ОН и невладини организации, вложуваат сериозни напори да спречат масовна глад.
– Светот се мобилизира и ние треба да продреме до најмалите села во најзафрлените региони, Податоците покажуваат дека нештата ќе се влошат, пред да почнат да се подобруваат. До каде ќе стигне влошувањето зависи од сите нас, рече Денис Браун, регионален директор за Западна Африка на Светската програма на ОН за храна.
Според Светската програма за храна, 1,3 милиони лица во најтешко засегнатите реони на Либерија, Сиера Леоне и Гвинеја очекуваат итно помош во храна и треба да дојде до нив.
Досега Светската програма за храна доставила храна за 534.000 луѓе и очекува уште овој месец да достигне до 700.000.
Во исто време, драстично растат цените на прехранбените производи, има и недостиг на работна сила поради ограничувањата на движењето на луѓе.
– Тоа ги принудува земјоделците да ги запустат нивите и реколтите и да бараат прибежиште на места, кои се сметаат за послабо изложени на опасност од вирусот на ебола, рече Андреја Тамбурини, шеф на невладината организација „Дејствие против гладот“.