Aмерикански воени разузнавачи објавија досие, кое открива дека нацистичкиот лидер Адолф Хитлер употребувал дури 74 различни медикаменти, меѓу кои и опасен вид амфетамин.
Се верува дека летото 1943 година пред средба со лидерот на италијанските фашисти Бенито Мусолини примил „кристал метамфетамин“, поради што два часа зборувал без прекин.
Во досието од 47 страници пишува дека и во деветте инјекции кои сам ги вбизгувал во тек на последните денови од својот живот, во берлинскиот бункер имало метамфетамин.
Истовремено се побива митот дека Хитлер имал само еден тестис, како и тврдењата дека бил хомосексуалец. Како што откриваат американските разузнавачи врз основа на неговиот здравствен картон и разговори со неговите лекари, е утврдено дека немал хомосексуална склоност и дека неговите полови органи не биле деформирани, за што зборува и записот во досието од 1945 година.
Се смета дека за неговата зависност е виновен Теодор Морел, угледен лекар кој ја водел клиниката во Берлин, бидејќи во 1936 година на нацистичкиот лидер поради грчеви во желудникот му препишал барбитурати, морфиум, таблетка од кристализиран амфетамин и биково семе за налет на тестостерон.
Покрај ова му давал и два различни видови стимуланси, а нивниот ефект го намалувал со седативи, поради што до крајот на 1943 година Хитлер бил голем зависник од комбинација на овие „лекови“.
Е. Г.