Северна Кореја синоќа на делегациите во ОН им предаде свој детален извештај за состојбата со човековите права во земјата и повторно соопшти дека не го прифаќа извештајот од истрагата на ОН што беше објавен претходно годинава, карактеризирајќи го како „фантазерски гласини лиферувани од непријателските сили“.
Извештајот на 372 страници на анкетната комисија на ОН информира за широк круг прекршувања на човековите права во Северна Кореја, вклучувајќи го и користењето на затворски кампови, системска примена на тортура, подложување на глад и убиства, што можат да се споредат со ѕверствата од нацистичко време.
Севернокорејската делегација организира невообичаено отворена средба во седиштето на ОН во Њујорк, поканувајќи делегати од различни земји и новинари. Салата за прес-конференции беше преполна со дипломати и репортери.
Севернокорејскиот дипломат Че Мун-нам, кој ја претставуваше Севернокорејската асоцијација за истражување на човековите права, пред аудиториумот соопшти дека иако во неговата земја има некои мали проблеми со човековите права, Пјонгјанг е на вистинскиот пат.
– Како општество, што се наоѓа во транзиција, движејќи се напред, понекогаш се среќаваме со извесни проблеми, на пример, во економската и другите области треба да изградиме повеќе домови и општествени структури, за на луѓето да им обезбедиме подобри услови за живот, рече Че.
Че уште еднаш го повтори претходниот став на Пјонгјанг дека во Северна Кореја нема затворски логори, но тој спомена постоење на „кампови за работно превоспитување“.
– Како од законска гледна точка, така и во пракса, имаме кампови за работно превоспитување, каде луѓето позитивно се менуваат за својот начин на размислување и ги осознаваат своите престапи, рече тој.