Обезбедувач во компанија во Штип убил кутре, велат од „Анима мунди“.
Сведок на злосторството како што информираат од невладината организација за заштита на правата на животните, им посочил дека настанот се случил во дворот на компанијата, а сведокот ја гледал случката од својата тераса во непосредна близина.
„Настанот се случи некаде околу 18 часот и 30 минути, кога нема други вработени, кога седејки на терасата која гледа директно во дворот на компанијата, во придружба на мојата сестра, слушнав страшен удар, по кој удар следуваше болен и долг крик од некое животно. По тој звук следуваа уште 2-3 удари, кои не беа проследени со никаков звук од животното. Веднаш сфативме дека тоа доаѓа од близината и кога погледнав низ терасата го видов човекот како за врат го влечеше кучето, а по него оставаше траги од крв. Во истиот момент го свикав сопругот, кој дојде и заедно со мојата сестра беа сведоци на овој немил настан. Го фрли кучето пред црвеното Југо, кое заедно со другите автомобили беше паркирано таму. По оваа случка, тој отиде до чешмата која е во непосредна близина, го зеде цревото и проба да ги измие трагите од крв. Во тој момент му свикавме со сопругот и кога не виде го остави цревото и се упати кон стражарницата. Додека се движеше единствено нешто кое ми падна на памет беше да повикам полиција. Тоа и го сторив. И да напоменам дека во дворот во тој момент имаше уште две други помали кучиња од кои едното валкано бело, а другото кафеаво, кои избегаа исплашено после настанот“ – пишува во сведоштвото кое за „Анима мунди“ го дал очевидец.