Џихадисти на Исламската држава (ИД) денеска се приближија на пет километри од клучниот курдски град Аин ал-Араб, на сириско-турската граница, соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Лондон.
Борците на ИД истрелале најмалку 15 ракети кои го погодиле центарот на градот, наведува Сирискиот центар, тврдејќи дека едно лице загинало.
ИД тргнала кон Аин ал-Араб, во северната сириска провинција Алепо, пред две недели, а телевизијата „Ал Џазира“ јавува дека над 15.000 луѓе го напуштиле градот поради офанзивата на екстремистите.
Меѓународната коалиција предводена од САД во текот на ноќта извршила воздушни напади врз припадниците на ИД во четири сириски провинции Алепо, Раку, Хасакех и Деир ел-Зоур, како и најголемата сириска плинара Коноко.
Џихадистите на ИД држат под своја контрола значаен дел од ирачката и сириската територија.