Центарот за современи уметности организира предавање на тема „Унгарската револуција и борбата за слобода на еден народ“ од унгарологот Милан Хорват од Будимпешта.
Предавањето ќе се оддржи во Мобилната/Монтажна галерија, во четврток 25 септември со почеток во 19 часот.
Со ова предавање, Центарот за современи уметности во рамките на програмата за Граѓански активизам на галеријата ќе го започне циклусот предавања за револуциите и движењата за слобода и демократија во современата Европска историја.
„Педесетите години на минатиот век претставуваат тешка декада за источна Европа. По завршувањето на Втората светска војна, земјите на Источна европа се соочуваат со нова закана од растечките комунистички диктатури. Незадоволството започнува да расте во почетокот на декадата низ целиот регион, но одговорот на диктатурите е воспоставување на уште посилен режим.
Состојбата во Унгарија кон средината на педестите се вжештува, Сталин е мртов, а Австрија станува независна држава. Луѓето во Унгарија почнуваат да веруваат дека нивната земја е следната која ќе се здобие со вистинска независност, мирисот на слободата се шири низ унгарската есен.
Кон средината на октомври 1956-та студентските организации од цела Унгарија почнуваат да се собираат во Будимпешта и ги соопштуваат своите барања на владата. Собирањата на студентите се претвараат во мирни протести. Властите и полицијата се обидуваат да ги смират протестите но незадоволството расте, се повеќе граѓани се приклучуваат на барањата за поголема демократија и слобода. На крајот и делови од војската и полицијата се приклучуваат на демонстрантите и на 23-ти окомври 1956-та се формира демократска влада на Унгарија.
На 4. ноември бројни тешко наоружани Советски трупи влегуваат во Унгарија. Настаните добиваат крвав тек, во неколку дневните борби над 2000 луѓе се убиени, а повеќе од 200 000 ја напуштаат земјата.
Унгарската револуција всушност претставува прва сериозна закана за Советската контрола (окупација) на земјите од централна и источна Европа по завршувањето на втората светска војна. И покрај неуспехот овие случувања ќе извршат огромно влијание на подоцнежните настани во источниот блок (Прашката пролет, синдикалните движења во Полска) и ќе наговестата дека режимите во источна Европа кои делуваат под закрилата на СССР еден ден ќе колабираат. Случувањата од есента 56-та и хероите кои учествувале во нив подоцна стануваат инспирација за бројни уметнички дела од сите полиња на уметноста во Унгарија, но и во цела Европа“, се вели во воведот за ова предавање во Мобилна/монтажна галерија.