Група поврзана со екстремната организација Исламска држава ја презеде одговорноста за киднапирање на францускиот државјанин во Алжир и се заканува дека ќе го убие, доколку Франција за 24 часа не ги сопре воздушните напади на Ирак.
Станува збор за алжирската џихадистичка група Џунд ал Калифа (Војници на калифот), која објави видео запис на која се гледа како Ерве Пјер Гурдел го моли претседателот на Франција, Франсоа Оланд да го спаси од ситуацијата во која се наоѓа.
На снимката се гледа како тој седи на земјата, додека околу него се двајца маскирани вооружени мажи.
Киднапираниот француски државјанин вели дека е од Ница и дека работи како планинарски водич, а во Алжир пристигнал во сабота и дека бил грабнат наредниот ден.
Киднапирањето се случило откако припадници на Исламска држава издале наредба во која се повикува на напади на сите државјани на Запад, особено на Французи.
Во реакција на таа наредба, францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев, возврати дека потполно е убеден дека државата е безбедна.
Како што пренесе „Асошиејтед прес“ властите за киднапирањето ги известиле пријатели на грабнатиот Французин, кои набргу по инцидентот биле пуштени.
Војската и локалните безбедносни сили ја пребаруваат областа во Тизи Узу, каде што е киднапиран Гурдел додека бил на одмор.
Е. Г.