Шпанскиот фудбалски клуб Валенсија потврди дека играчот на Манчестер Сити, Алваро Негредо претстојната сезона ќе игра на „Местаља“.
Валенсија се договори со шампионот на Англија, Негредо да настапува како позајмен играч до крајот на сезоната, но со опција, по завршувањето шпанскиот клуб да го откупи договорот.
Негредо кој важи за еден од најдобрите напаѓачи во Европа, се враќа во татковината, каде ја започна професионалната кариера во тимот на Рајо Валјекано, за кој играше две сезони. Во 2007-та тој потпиша со Реал Мадрид, а беше пратен во Алмерија каде на 73 натпревари постигна дури 31 гол. Во 2009-та година Негредо за рекорден трансфер мина во редовите на Севиља, каде до 2013-та година одигра 180 натпревари и постигна 85 голови.
За време на неговиот престој во Англија, тој за Манчестер Сити одигра 40 натпревари на кои 23 пати успеа да ја затресе противничката мрежа.
Инаку, Негредо за репрезентацијата на Шпанија настапува од 2009 година, а за „Црвената Фурија„ досега има настапено на 21 натпревар и постигнато 10 голови.