Фудбалерот на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо најави дека брзо тече рехабилитацијата од повредата и дека најмногу за седум дена ќе биде потполно спремен за игра.
– Се уште работам по посебна програма. Засега само трчам. Сепак верувам дека за една недела ќе бидам потполно спремен’, изјави Роналдо за шпаската „Марка“.
Португалецот ја обнови повредата која го мачеше кон крајот на минатата сезона, а поради тоа не настапи на последниот првенствен дуел против Сосиедат кој Реал го загуби со 4:2.
Од иста причина Роналдо ќе го нема во составот на Португалија за претстојниот дуел со Албанија во квалификациите за Европското првенство 2016 година.
Се очекува Роналдо да биде во тимот на Анчелоти веќе за дербито со актуелниот шпански првак Атлетико Мадрид, кое Реал ќе го игра пред своите симпатизери на „Сантијаго Бернабеу“ на 13 септември.