Делегација на ОН денеска во Триполи почна преговори во обид за постигнување примирје меѓу ривалските вооружени групи, кои либискиот главен град го претворија во бојно поле во досега најжестоките судири од падот на режимот на Моамер ел Гадафи пред три години.
Делегацијата ја раководи претставник на мисијата на ОН во Либија (УНСМИЛ). Нејзината цел е паралелно со прекинот на судирите, да им помогне на жителите протерани од нивните домовете и да го олесни недостигот од храна и гориво, се наведува во соопштението на сајтот на УНСМИЛ.
Во него се подвлекува дека Мисијата тесно соработува со меѓународната заедница за постигнување трајно и стабилно примирје.
Ситуацијата во Триполи вчера и денеска е забележително помирна. Тоа се најмирните денови од избувнувањето на судирите меѓу происламистичките бригади „Мисрата“ и борците на западниот град Зинтан, кои го контролираат аеродромот.