Со измени во Правилникот за биомедицинско потпомогнато оплодување (ин-витро) од 16 август се овозможува и олеснува постапката за остварување на правото на осигурениците-брачни двојки кои се лекуваат од стерилитет, а од 1 октомври со владиниот проект „Права на иселениците во здравствениот систем“ се воведува еднаквост на иселениците на Македонија во делот на плаќањето на придонесот за задолжително здравствено осигурување кој ќе биде унифициран за сите иселеници и нема да биде во зависност од висината на пензијата и нивен еднаков третман со осигурениците кои живеат во Македонија.
Ова се двете измени кои ги воведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, а кои денеска ги презентираше портпаролот на ФЗОМ, Бранко Аџигогов. Посочи дека со првата новина која ќе биде објавена денеска во Службен весник, се овозможува осигуреничките кои имаат ограничена оваријална резерва на јајниците и отстапување од нормалните вредности на одредени хормони (FSH и anti-Mullerian хормон во серум), како и отстапување од минималниот број на антрални фоликули на јајниците, првиот обид во постапката за БПО со сопствен репродуктивен материјал (јаце клетки) да биде на товар на Фондот.
Досега, како што нагласи, тие имаа право на ин-витро само со донаторски материјал.
– Постапката за аплицирање останува иста, а за овие осигуренички ќе се овозможи право на ин-витро со сопствени јајце клетки доколку установата која ја извршува постапката може да екстрахира јајце клетки од осигуреничката. Во период јануари-јули 2014 година во постапкита за БПО за прв обид за прво дете 650 парови оствариле право, а за второ дете 100 парови оствариле право на ин-витро на товар на ФЗОМ, рече Аџигогов.
Во врска со втората новина тој истакна дека досега иселениците кои оствариле право на пензија во странска држава, а кои имаат македонско државјанство при привремен или траен престој во Македонија, плаќале здравствен придонес со највисока стапка и оти станува збор за 13 отсто од бруто пензијата која ја добиваат во странската држава.
Потенцира дека поради високите пензии од странство и тоа во Австралија, Нов Зеланд, Америка и Канада и други земји, иселениците не сакале да стапат во здравствено осигурување и плаќале приватно здравствени услуги во здравствените установи во Македонија. Досега, како што рече, во здравствено осигурување се пријавиле 105 лица кои плаќат секој месец здравствено осигурување во просек од 10.000 денари, а највисоките придонеси се 13.560 денари.
Додаде дека поради тоа Фондот и предложил на Владата да се донесат измени и дополнувања во законите за здравствено осигурување и за придонеси од задолжително социјално осигурување. Со предложените измени, македонските државјани кои примаат пензија или инвалиднина од странски носител на осигурување со кој Македонија нема склучено (превземено) Договор за социјално осигурување или пак има склучено (преземено) Договор за социјално осигурување, но во него не е регулирана можноста за остварување на право на здравствено осигурување додека престојуваат на територијата на Републиката, ќе им се даде олеснување во однос на висината на плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување односно истите ќе се изедначат со осигурениците од член 5 став 2 од Законот за здравствено осигурување кои плаќаат придонес за здравствено осигурување на основица 100 отсто од просечна плата односно околу 2.256,00 денари. Очекуваните ефекти се стапување во здравствено осигурување на приближно 10.000 лица.