Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун денеска преку медиумите контролирани од државата, порача дека спортистите на Северна Кореја сигурно ќе учествуваат на Паназиските спортски игри, што ќе се оддржат од 19 септември до 1 октомври во Инчеон во Јужна Кореја.
Претходно, официјален Пјонгјанг испраќаше пораки дека ќе ги бојкотира спортските игри, а сегашната, најверојатно дефинитивна, потврда за учество повеќе ја охрабрува политичката од спортската јавност на Азија.
Ким најави дека покрај повеќе спортисти, од кои очекува „да ја покажат супериорноста на духот и телото на севернокорејанскиот народ“, на југот ќе бидат испратени и поголем број навивачи.
Државната новинска агенција на Северна Кореја КЦНА денеска пренесува дека Ким лично ги бодрел фудбалерите на националниот тим, кои на тренинг натпревар ја победиле „Б“ селекцијата на Северна Кореја со 12:0.
За аналитичарите на односите во овој регион позначајна е изјавата на севернокорејанскиот лидер кој по натпреварот рече дека спортистите и навивачите од неговата држава треба да бидат и промотори за надминување на сегашните односи на поделениот Корејански Полуостров.