Барокна висококатница со име „Палата Емануел Чучков“ се гради на некогашна улица Бихаќка, на местото каде се наоѓаа бараките на Геолошки завод. Зградата ќе има шест ката, според основниот договор, за неа ќе се потрошат 7 милиони евра. Автор на идејното решение е архитектот Жарко Чаушевски, а објектот ќе го користи администрацијата на Геолошки завод и на Државен завод за ревизија.
Почетокот на градежните работи ги означи премиерот, Никола Груевски, иако со задоцнување со оглед на тоа што темелите на градбата се веќе поставени. Пред да ја фрли лопатата, премиерот истакна дека ова е еден од низата административни објекти кои треба да му стават крај на одлевањето на пари за кирии. Како што рече тој, до сега поради високите кирии за закуп на туѓи простории губела државата, граѓаните и модернизацијата на јавните установи. Освен тоа, додаде премиерот Груевски, со оваа зграда Скопје ќе добие уште еден препознатлив објект.
– Покрај новата функционална корист, новата зграда ќе претставува и уникатно архитектонско здание и ќе даде нова естетска убавина на македонската метропола. Освен тоа, позитивните ефекти од оваа изградба се огледаат и од аспект на градежништвото кое добива уште еден крупен објект на кој ќе работат повеќе фирми идејности, рече Груевски.
Новите простории на администрацијата ќе се простираат на површина од 7 илјади метри квадратни. Најголем дел од просториите ќе користи Државниот завод за ревизија, а помал Геолошкиот завод. Се очекува изградбата да заврши за две години.