Туниската полиција употреби солзавец за да ги растера демонстрантите кои бараа ослободување на осомничени припадници на група поврзана со Ал Каеда, соопшти денеска туниската Влада.
Осум лица беа уапсени во масовната безбедносна операција во немирниот централен регион на Тунис, Сиди Бузиду, чија мета беа радикалните исламисти, припадници на забранетата група Ансар ал Шарија, соопшти вчера Министерството за внатрешни работи.
Роднините на уапсените протестираа во текот на ноќта пред една полициска станица во Сиди Бузиду, барајќи нивно ослободување, изјави портпаролот на Министерството Мухамед Али Аруи.
Одредени демонстранти полицајците ги нарекуваа „тирани“, што го прават и тврдокорните салафисти во однос на војската и полицијата, по што полицајците употребија солзавец.
По револуцијата во Тунис почнаа да зајакнуваат групите на џихадистите, кои беа потиснати за време на режимот на Зејнелабедин Бен Али.