Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот Владимир Талески денеска во Битола ја отворија новата детска градинка „Пинокио“, лоцирана во населбата Долно Оризари, а го посетија и штандот на Општинската организација на Црвениот крст од Битола на плоштадот „Магнолија“ каде беше претставен проектот „Празна продавница, полно срце“.
Спасов посочи дека Министерството за труд и социјална политика создава услови за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст и најави изградба на нови детски градинки во руралните населениместа, односно таму каде што досега немало такви објекти со што ќе се зголемат овие капацитети во општините низ државата.
– Отвораме нова детска градинка во населено место кое досега немаше просторни услови ниту капацитети за сместување, згрижување и предучилишно воспитување за децата. Со овој проект практично создаваме вистински услови и капацитети за да овозможиме децата од предучилишната возраст да воспитуваат во своето населено место, односно местото каде што живеат, рече министерот Спасов на денешната прес-конференција.
Општина Битола за реализација на овој проект вложи околу еден милион денари кои беа инвестирани во реконструкцијата на објектот, опремување и инфраструктурно уредување, потврди градоначалникот Владимир Талески.
– Отворањето на детската градинка во Долно Оризари е по барање на месното население. Има капацитет за 20, а во моментов услугите ги користат 16 деца. Во наредниот период и со поддршка од Министерството, детска градинка ќе отвориме во селото Кравари за што имаме соодветен проект, а нова градинка ќе има и во централното градско подрачје, истакна Талески.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на плоштадот „Магнолија“ го посети штандот на ОО на Црвен Крст-Битола каде беше промовиран проектот „Празна продавница-полно срце“.
– Станува збор за продавница која ќе им послужи на сите граѓани што сакаат да донираат употреблива облека, да ја остават на посочената локација, а потоа ќе биде донирана на семејства од социјално ранливите групи. Во Скопје имавме позитивен пречек и многу граѓани донираа облека и истото го очекувам од граѓаните на Битола. Оваа, е една хумана активност која ќе продолжи и во другите градови, а наскоро ваква продавница ќе биде отворена во Охрид, најави Спасов.