Градоначалниците на Струга и Вевчани, како и на општините од Албанија, Либражд, Стеблева и Луник ја поддржуваат иницијативата планинскиот масив Јабланица – Шебеник да се прогласи за прекугранично заштитено подрачје.
Како што соопшти Макдонското-еколошко дрштво, оваа поддршка ја изразија и формално, потпишувајќи писмо за поддршка во кое изразуваат волја да се зголеми соработката на планинскиот масив Јабланица-Шебеник се со цел зачувување на природните ресурси, развој на еко туризмот и одржлив развој во регионот.
– Доколку Јабланица се поврзе со планинарски патеки од двете страни на границата, тогаш би имале размена на туристи во двете земји кои би уживале во убавините на планината. Ја поддржувам идејата за Јабланица да се прогласи за национален парк, но истовремено сакам да продолжи економскиот развој во општината што е мој приоритет, изјави градоначалникот на Струга Зиадин Села.
Според градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски прекуграничното заштитено подрачје може да донесе само бенефит на населението.
– Ја поддржувам иницијативата и сметам дека ние пограничните општини од Македонија и Албанија треба да соработуваме повеќе бидејќи туристите од странство не сакаат само лежење на плажа туку сакаат за време на својот престој освен Струга и Охрид да се прошетаат и во планина и да видат нешто поразлично од масовен туризам, затоа треба да работиме заеднички кон подобрување на услугите и кадарот за да го развиваме екотуризмот, изјави Угриноски.
Градоначалниците од општините Стеблева, Либражд и Луник при посетата во општина Струга и Вевчани го пренесоа позитивното искуство, бидејќи Јабланица-Шебеник функционира како национален парк веќе шест години во Албанија.
– Ве поддржуваме и охрабруваме да ја поддржите иницијативата Јабланица да се прогласи за национален парк, бидејќи кај нас значително се подобрија работите откако има поголема контрола на ресурсите од една страна, а самиот регион полека но сигурно станува бренд за планински и еко туризам, изјави граночалникот на општината Центар Либражд, Енвер Шкурти.
Средбите на градоначалниците од Македонија и Албанија се дел од посетите за размена на искуства организирани од страна на Македонско еколошко друштво во рамки на ИПА прекуграничниот проект „Подобрување на прекуграничната соработка и развој на планинскиот масив Јабланица – Шебеник преку активна вклученост на локалното население“, финансиран од ЕУ.