Со изудираното Mitsubishi на приколка, пехарот за второто место во раце и тешко заработените 18 бода, екипата на македонската гордост, Игор Стефановски – Иџе по завршетокот на тешката чешка авантура го продолжи својот европски пат кон Полска каде се вози следната трка од Европскиот шампионат на ридски патеки.
Тој имаше неверојатно малерозен викенд на трката во Чешка каде што дури три пати удри во заштитната ограда завршувајќи ја трката со натчовечки напори на второто место, но и со сериозно оштетено возило.
По совет на колегите од полскиот национален тим, екипата на Стефановски во престојува во Краков во овластениот сервис за тркачки автомобили од марките Мицубиши и Субару.
Инцидентот на Стефановски е на крајот од видеото (3:09 минути)
– Завршивме со целосната дијагностика на возилото за детално да ги утврдиме сите штети. Меѓу другите внатрешни оштетувања откривме дека од ударите се скршила и турбината од турбото. Засега ги правиме само најнеопходните поправки и замена на делови, додека корекцијата и менувањето на некои надворешни делови и на лимаријата можеби ќе остане за Скопје. Во секој случај, утре ќе решиме што ќе менуваме. Моторот е добар, целиот е прегледан и измерен, детално е прегледано и турбото, подвозјето, траповите. Ова е голем непланиран финансиски трошок за нашиот скромен буџет затоа што штетите на возилото се навистина големи – ни изјави Иџе.