Плочките на плоштадот каде треба да се гради новата површинска фонтана до споменикот „Воин на коњ“ и која ќе чини 2,5 милиони евра веќе се отстрануваат.
Делот каде ќе се гради вкопано армирано-бетонско корито остана без плочникот а работници активно работат да се отсрани редот плочки и коцка каде ќе се постави новата фонтана со димензии 20 на 10 метри.
Површината врз армирано-бетонското корито ќе биде изработена од светлосиви гранитни плочи со димензии 60 на 60 сантиметри и со дебелина од 10 сантиметри. На плочите од фонтаната ќе бидат поставени ЛЕД светилки со отвори за вградување млазник.
Фонтаната ќе ја сочинуваат 128 млазници со 128 светилки. Визуелниот ефект на фонтаната ќе се постигне со игра на млазевите, а навечер и со игра на светлата. Во близина на фонтаната ќе биде поставен комора-машинска хала за опремата за работењето на фонтаната со сензори, скимери, филтри, сонди и друго.
Покрај изведбата на површинска фонтана на плоштадот „Македонија“ ќе се изврши и реконструкција на партерот на плоштадот. Водата што прска од млазниците ќе понира меѓу плочите и ќе се враќа во системот.
Атмосферските води од партерот преку каналетки ќе се одведуваат преку постојната атмосферска мрежа. Проектот за изградба на површинската фонтана и за реконструкција на партерот на плоштадот „Македонија“ е на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови – Прилеп, а на терен ќе работат екипите на градежната компанија „Трансмет“ од Скопје.
Овој проект ќе чини околу 150 милиони денари или 2 милиони и 440 илјади евра. Градот Скопје ќе обезбеди една третина од средствата, а Владата две третини од парите. Градежните работи треба да завршат за 120 работни дена или за повеќе од шест месеци.