Јужнокорејската Агенција за хидро и нулклеарна енергија денеска соопшти дека поради проблеми со контролата на процесот е запрена работата на уште една нуклеаркаво таа земја, со што бројката на исклучени електрични централи се покачи на пет, од вкупно 23 што работат во оваа држава.
Поучени од сопствените искуства и сеуште присутниот страв од последиците на хаваријата во јапонската Фукушима, јужнокорејанците ќе направат детална анализа пред да се донесе одлуката за рестартирање на овој нуклеарен реактор со моќност од 950 мегавати.
Нуклеарните централи во Јужна Кореја, со вкупна моќност од 20,5 гигавати, обезбедуваат 22 посто од енергетските потреби на државата. Овдека е во тек и изградба на две нови нуклеарки во кои ќе се вложат 7 милијарди долари. До 2021 година ќе се изградат уште 11 нови нуклеарки со вкупен капацитет од 13,8 гигавати. Тоа ќе биде доволно да се задоволат 29 посто од вкупните енергетски потреби на државата.
Петте исклучени нуклеарки во Јужна Кореја можат да бидат лош знак за производителиете на опрема за нуклеарни постројки во оваа земја. Моќната индустрија во оваа област има договори за изградба на нуклеарни централи со голем капацитет во Јордан, Саудиска Арабија, Турција, Индија, Индонезија и Малезија. Недовербата може да ја зајакне и последниот извештај на владина комисија од Сеул, која констатирала дека имало доста пропусти во безбедносните системи на локалните нуклеарни енергетски објекти, а неколку проекти со голема моќност, што требаше да се градат во следниве пет години, поради недоволна сигурност, не добија дозвола за градба.