Иако неговиот Атлетико го загуби шампионскиот трофеј во Лигата на шампионите и тоа во последните мигови од регуларниот дел, сепак тренерот Диего Симеоне спортски му честита на победникот.
– Не сум тажен, огорчен сум. Остана тоа чувство на горчина поради тоа што не ја остварив целта, но се смирив по натпреварот, рече Симеоне.
Тој имаше и мал инцидент со Рафаел Варан, што го натера да влезе на теренот.
– Натпреварот завршува кога судијата ќе каже, не би додал ништо на оваа тема. Реал беше подобар во второто полувреме, а ние бевме преморени во финишот, изјави Симеоне веднаш по крајот на финалниот меч.
Свесен дека беа на дофат до шампионскиот трофеј аргентинскиот стратег дополни: – Не треба да плачеме, не смеат да се видат солзи на нашите лица. Игравме храбро со цело срце. Ова е спорт, некогаш се победува, некогаш се губи, ние дадовме се од себе, за жал и тоа не беше доволно. Сега ни останува да заминеме дома, да се одмориме пред предизвиците што ќе бидат пред нас во новата сезона.
Речиси сите светски медиуми по финалниот меч имаа само пофални зборови за тренерот на Атлетико, за неговата филозофија во фудбалската игра, која резултира со финале во Лигата на шампионите, а претходно и освојување на шампионскиот трофеј во шпанската Примера.