Со повеќе пригодни манифестации во селото Разловци денеска се чествува 138-годишнината од Разловечкото востание, првиот организиран вооружен отпор против пет вековното отоманско ропство.
Одбележувањето почна со панихида за Димитар Поп Ѓорѓиев-Беровски, Поп Стојан Разловечки, Стоил Ѓоргов, Цоне Спасев-Ингилизо и за сите учесници и организатори на востанието и загинатите во борбите за слобода на македонскиот народ.
Панихидата беше одслужена во селската црква „Цар Костадин и Царица Елена“, а со богослужбата чиноначалначаствуваше прота Атанас Поповски во сослужение со свештено служители од Брегалничката епархија на МПЦ-ОА.
Во Спомен-домот на Разловечкото востание беше отворена изложба на фотографии и документи од периодот пред, за време на востанието и по неговото задушување. Во селската библиотека беше одржано литературно читање и беа објавени резултатите од годинашниот награден конкурст на тема „Разловечкото востание од 1876 година“.
Во дворот на ПОУ „Св.Климент Охридски“ се одржа богата културно уметничка програма. На почетокот гостите и учесниците во програмата ги поздрави градоначалникот на Делчево, Дарко Шехтански, кој говореше за значењето на овој историски настан од далечната 1876 година.
Во културно-забавниот дел од програмата настапија Симеон Иванов-Канго со речитатив за Македонија, КУД „Гоце Делчев“ од Делчево, ФГ „Копачка од село Драмче“, играорната секција при Националната Установа за култура „Никола Јонков Вапцаров“, Изворното женско трио од Делчево и други.
Во рамки на прославата се одржа и традиционалниот планинарски марш „По славните врвици на Разловечките востаници“.
Организаторот на прославата, општина Делчево на сите учесници во програмата им додели плакети и благодарници. Прославата заврши со заеднички ручек и општо народна веселба.