Бројот на жртви во потонатиот јужнокорејски ферибот достигна 236, откако денеска беа откриени нови осум тела.
Седумнаесет дена по трагедијата, со непозната судбина остануваат 66 лица и дел од нив веројатно никогаш нема да бидат пронајдени, соопштија француските медиуми.
Операцијата на потрага по лицата од фериботот беше прекината поради лошите метеоролошки услови. Силните струи, високите бранови и силните удари на ветрот работата на спасувачите ја прават невозможна, изјави портпаролот на крајбрежната стража.
Најголемиот патнички ферибот во Јужна Кореја потона на 16 април утрината крај југозападниот брег на Корејскиот Полуостров. На бродот имаше 476 патници и членови на екипажот, од кои 325 беа ученици од училиште во јужнокорејскиот град Ансан.
Спасени беа 174 лица, вклучувајќи го и капетанот и голем дел од екипажот.