Тренерот на Реал Мадрид Карло Анчелоти по супериорната победа над Баерн Минхен смета дека неговиот тим покажа зрелост и квалитет за искачување на тронот, додека Гвардиола изрази разочараност и ја прифати одговорноста за поразот.
Реал во реванш-полуфиналниот дуел победи со 4:0 и со вкупните 5:0 обезбеди финале во Лигата на шампионите.
– Им честитам на сите фудбалери за големата победа. Покажавме дека кога играме сите за тимот, кога соработката е на ниво, дека можеме да победиме било кого. Бевме перфектни и заслужено стигнавме на чекор до целта која ја поставивме пред почетокот на сезоната, а тоа е триумф во Лигата на шампионите. По 12 години Реал стигнува до финале и останува уште да го направиме последниот чекор, изјави Анчелоти.
Тренерот на мадриѓани најави дека неговите играчи во Лисабон ќе играат и за клупскиот колега Чаби Алонсо, кој ќе го пропушти финалето поради жолти картони.
– Алонсо е многу тажен, сочувствувам со него. Сега е поважно од се да победиме и за нас и за него, рече италијанскиот стручњак.
За разлика од Анчелоти, тренерот на баварската екипа Пеп Гвардиола рече дека е разочаран од изданието на неговите избраници.
– Со таква игра не се стигнува во финале. На гостувањето имавме поголема контрола на играта и повеќе шанси. Тажни сме поради ваквата разврска, изгубивме со преголема разлика, рече предводникот на Баерн.