Азиската банка за развој, чие седиште е во Манила, денеска објави анализа во која се наведува дека милијарда и 600 милиони луѓе во подрачјето на азиско-пацифичкиот регион имаат приход помал од два долари дневно.
Уште полош е податокот, според кој, 733 милиони луѓе од овој регион живеат со дневен приход помал од 1,25 долари, што е екстремно ниво на сиромаштија.
Во подрачјето што е предмет на анализа на Азиската банка за развој живеат 4,2 милијарди луѓе. Дека распределбата на националните богатства во државите е неправедна, според Банката, покажува и податокот дека на ниво на овој дел на светот економскиот раст во последниве две декади се движи од 5,5 до 5,7 отсто годишно. Во истиот период, од 1992 година наваму, за 20 оѕсто пораснал бројот на луѓе чија основна егзистенција, со приход од само 1,25 долати дневно, е загрозена.
Како една од причините за големата сиромаштија, Банката го наведува порастот на цените на прехранбените производи.
Азиската банка за развој најави дека има подготвена стратегија за ублажување на сиромаштијата. Во основа на стратегијата се понудата на евтини кредити и грантови за вложувања во образованието, здравството и земјоделското производство.